Тилев за МИА: Преговарачката рамка тешко се менува, за Србија се промени преговарачката позиција на ЕУ за Поглавјето 35

Драган Тилев, државен советник за европски прашања и координација во СЕП/Фото: МИА

Преговарачката рамка е исклучително тешко да се промени. Промена на Преговарачка рамка до сега не се случила. Преговарачките рамки за Србија и за Северна Македонија не се исти. Во случајот на Србија не станува збор за промена на Преговарачката рамка, туку само на ЕУ преговарачката позиција за Поглавјето 35, изјави за МИА Драган Тилев, државен советник за европски прашања и координација во Секретаријат за европски прашања (СЕП).

– Промена на Преговарачка рамка до сега не се случила. Имено, за да се промени Преговарачката рамка треба постапката да се иницира во рамките на Советот на ЕУ, да добие согласност од сите 27 земји членки, и на крајот да биде усвоена од страна на сите земји членки. Од тука, промена на Преговарачката рамка е можна исклучиво по истиот пат по кој е и донесена, вели Тилев за МИА.

Откако ЕУ ги усвои измените за Поглавјето 35 за Србија, во јавноста во ек на изборната кампања, имаше спротивставени мислења дека како што се променила Преговарачката рамка за Србија, така може да се промени и за нас.

-Без да навлегувам во ставови на политички партии, кои и не ми се подетално познати, исклучиво од професионален аспект, го коментирам само усвојувањето на амандманот на Заедничката позиција на ЕУ по однос на Поглавјето 35, со наслов „Друго“. Имено, во случајот на Србија, поради околностите во кои се наоѓаше во моментот на започнувањето на пристапните преговори (Јануари 2014 година), се сместени развојот на дијалогот на Србија со Косово и напредокот во односите и нормализацијата на истите, оценува Тилев.

Тој појаснува дека ова Поглавје, 35, во случајот на Србија е исто така предмет и на утврдување на времени одредници, но и на корективната клаузула за дисбаланс во напредокот, кои корективнии мерки се вклучуваат доколку нема напредок во дијалогот, а можеби има напредок во другите поглавја (кластери).

Додава дека ова се однесува не само на Поглавјето 35, туку и на поглавјата 23 и 24, во случајот на Србија.

– Усвоениот нов амандман од страна на КОРЕПЕР како тело на Советот, со кој се дополнува Заедничката позиција на ЕУ, се однесува само на Поглавјето 35 и е посебен документ, односно не се менува Преговарачката рамка, туку само преговарачката позиција на ЕУ по однос на Поглавјето 35. Во Преговарачката рамка постои простор за промена на преговарачките позиции по пооделни поглавја, доколку дојде до промена на околностите во даденото поглавје, ново законодавство, нови политички моменти и сл., како што е случајот сега со Србија. Ова се однесува не само на Поглавјето 35, туку и на сите други поглавја, појаснува Тилев за МИА.

Тој појаснува дека преговарачките рамки за Србија и за Северна Македонија не се исти, односно, како што истакнува, тие си ги носат со себе посебностите на времето кога се усвоени од страна на Советот на ЕУ, за Србија во 2014 година, а за Северна Македонија во 2022 година, односно после усвојувањето на новата Методологија.

За илустрација, додава Тилев, во нашата Преговарачка рамка не постои Поглавјето 35, а ниту Поглавјето 34.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот