Доктор Стефан Арсенков / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Доктор Стефан Арсенков, специјалист по абдоминална хирургија во УКХБ Св. „Наум Охридски“, е еден од ретките доктори што во практиката ја користат вештачката интелигенција и со нејзина помош изработуваат предоперативни подготовки за успешно извршување оперативен зафат. Со употребата на овие методи се скратува времето на операција, се минимизира ризикот од компликации и се оптимизира исходот на операцијата. За предизвиците што ги носи таа, за тоа колку вештачката интелигенција е од помош за хирурзите, прочитајте во ексклузивното интервју на „Нова Македонија“

ИНТЕРВЈУ СО Д-Р СТЕФАН АРСЕНКОВ, СПЕЦИЈАЛИСТ ПО АБДОМИНАЛНА ХИРУРГИЈА ВО УНИВЕРЗИТЕТСКАТА КЛИНИКА ПО ХИРУРШКИ БОЛЕСТИ „СВ. НАУМ ОХРИДСКИ“

 

Како дојдовте до идеја да користите вештачка интелигенција, кои се причините?
– Идејата да користиме вештачка интелигенција не дојде сама по себе, туку се наметна како потреба. Имено, пред нешто помалку од две години, јас и мојот партнер Огнен Плавевски решивме да почнеме со изработка на 3Д-модели на органите на пациентите. Тоа го направивме со цел да го надминеме јазот помеѓу она што го гледаме како снимка од компјутерска томографија, магнетна резонанца и реалниот свет, односно нашите пациенти. Јазот потекнува оттаму што снимките по дефиниција се дводимензионални, а операциите се изведуваат во тродимензионален свет. Откако успеавме да изработиме модели што идеално ја прикажуваат анатомијата на пациентите, увидовме дека користењето на тие модели е од огромна корист за пациентите. Но создавањето на моделите знае да биде долготраен процес, па почнавме да разгледуваме начини истиот тој да го скратиме.
Како ја користите, во што точно ви помага?
– Кога правиме еден од моделите, потребно е многу внимателно и прецизно да се означат сите органи на снимката. Со оглед на тоа што една снимка од КТ има стотици слики, без користење вештачка интелигенција, тој процес трае десетина часа, а потоа доаѓа означувањето на заболениот орган, па дури потоа почнува 3Д-печатењето, кое може да трае и до неколку дена, поради специфичноста на структурите што ги печатиме. Улогата на вештачката интелигенција е во тоа што првичниот процес на означување на органите го скратува од неколку часа на неколку минути, за потоа да може да се премине на означување на фините детали.
За што ви помагаат овие 3Д-модели и дали рутински се употребуваат?
– Има многу научни студии што потврдуваат дека употребата на овие 3Д-модели на анатомијата на пациентите резултираат со огромна бенефиција за пациентите, а тоа го покажува и нашето досегашно искуство. Со употребата на моделите се скратува времето на операција, се минимизира ризикот од компликации и се оптимизира исходот на операцијата. Со самото тоа што се работи за пократко време на операција, најмногу корист има пациентот врз кој е изведена таа операција, но и хируршкиот тим е поефикасен, луѓето се помалку заморени, а операционата сала побрзо е подготвена за следниот пациент, така што дури и другите пациенти имаат корист од овие 3Д-модели. Со оглед на полезноста на овие модели, се надевам дека нивната употреба ќе стане рутина и секојдневие, како што сега се РТГ-снимките. Сепак, ова е најблиску до реална репрезентација на состојбата на пациентите.
Дали вие ѝ давате одредени податоци и информации на вештачката интелигенција, па таа работи според вашите информации, или сѐ прави сама?
– Моделот на вештачка интелигенција е веќе истрениран на снимки од многу пациенти и со помош на тоа „предзнаење“ ги означува, иако релативно грубо, органите на снимките од кои ги печатиме 3Д-моделите. Потоа, мојата работа се состои во тоа да ги комплетирам фините детали, односно она што ни е нам најбитно.
За што најмногу ја користите?
– Засега најмногу ја користиме вештачката интелигенција за правење на овие 3Д-модели, но во нашата компанија „3ДЛум“ (3DLoom) веќе размислуваме за употреба на вештачката интелигенција во неколку сфери. Тука спаѓа идентификација на анатомски структури при лапароскопски операции, интраоперативно насочување и интраоперативни визуелни референци со помош на виртуелна реалност.
Дали греши вештачката интелигенција и каде најмногу?
– Секој модел на вештачка интелигенција си има свои мани и предности. Сѐ уште не постои генерална вештачка интелигенција што би можела да прави сѐ одеднаш, а старата поговорка „кој работи, тој греши“ важи и за вештачката интелигенција. Најмногу грешки се случуваат во деловите што најмногу се разликуваат од стандардите. На пример, кога правиме модел на пациент со одреден тумор, да речеме на панкреасот, вештачката интелигенција може да препознае каде е панкреасот, но често туморот го изоставува и не го означува.
Како утврдувате дека е грешка и што преземате?
– Во моментот вештачката интелигенција е само алатка што ни ја скратува работата. Исто како кога ги вадиме алиштата од машина за сушење, па доколку не се целосно исушени, ќе ги ставиме на сонце да се исушат, нема да ги облечеме мокри. Така и ние, вештачката интелигенција ја користиме за да бидеме побрзи и поефикасни, но тоа што таа го генерира како податок никогаш не се користи без детална проверка.
Дали вашите пациенти знаат дека ја користите? Каков е нивниот став? Веруваат ли во неа?
– Речиси секогаш кога ќе им пристапиме на пациентите со нашите модели, првично се прашуваат дали тоа всушност се прави кај нас. Нормално дека ги интересира како се изработуваат моделите и верувам дека кога ќе им кажеме дека во дел од изработката користиме и модели на вештачка интелигенција, секогаш имаат позитивен став. Тоа доаѓа оттаму што користењето на моделите многу помага во комуникацијата со пациентите и многу често се случува и самите пациенти да признаат дека многу им е појасно што треба да правиме и зошто е тоа неопходно доколку при комуникацијата ги користиме 3Д-моделите. Подобрената комуникација секогаш носи зголемена доверба, а довербата помеѓу лекарот и пациентот е главен предуслов за успешен третман, за каква било состојба да станува збор.
Дали имате информација дали ја користат други доктори?
– Верувам дека многу колеги на еден или друг начин ја користат вештачката интелигенција, но конкретни податоци, за жал, немам. Сигурен сум дека со напредокот на технологијата многу набрзо ќе дојде време кога нема да може да се замисли ординација без алатки базирани на вештачка интелигенција.
Од каде црпите информации за нејзината употреба?
– Вештачката интелигенција е многу актуелна тема и секојдневно од сите страни сме бомбардирани со информации за нови начини на употреба. Секако, највалидните податоци доаѓаат од медицински журнали, но процесот на објавување во тие журнали знае да трае и со месеци, па не секогаш најновите податоци се оние што се последно објавени. Новини има секаде, а ние често се соочуваме со нови проблеми, кои досега можеби и не биле решени, па се трудиме низ еден процес на истражување и развој да дојдеме до нови решенија. Некогаш информациите и решенијата доаѓаат од неочекувана страна, па затоа е важно да се има отворен ум кон сите потенцијални канали низ кои добиваме информации.