Осмели се да бидеш мудар!

Во предвечерјето на изборите, повикувам: Осмели се да бидеш мудар! Користи го сопствениот разум, биди мудар, а не партиски послушник, размисли за решенијата и дејствата што политичките субјекти ги правеа меѓу двата изборни циклуса. Од независноста до денес искусивме материјална деградација: сите крадеа, меѓутоа духовната деградација – културниот геноцид, што се случи во последниве седум години не може да се спореди со ништо друго. Духовната деградација се манифестираше преку велепредавство, изневерување на македонските принципи, плиткост, неукост, самоукинување, неправда, работење против националните интереси, разнебитување на Македонија по сите основи, по сите шевови,
поразена и предадена Македонија, демакедонизирана Македонија, помор на македонскиот род, македонското име, на сè што е македонско

Во денешниов текст ќе пишувам за Кант – причината е едноставна: на 22 април 2024 година се навршуваат триста години од раѓањето на Кант. Тој е роден на 22 април 1724 година во Кенигсберг – главен град на Источна Прусија, трговски центар, воено пристаниште и космополитски универзитетски град (денес Калининград, Русија). Во 1770 година, на четириесет и шестгодишна возраст, Кант е назначен за професор по логика и метафизика на Универзитетот во Кенигсберг (германски: Albertus-Universität Königsberg) (основан во 1544 г., познат под името Албертина), откако петнаесет години (од 1755 г.) на универзитетот работи како неплатен предавач, платен директно од студентите кои ги посетуваат неговите предавања, па затоа е приморан да држи, во просек, дваесетина часа неделно предавања по логика, метафизика и етика, како и математика, физика и физичка географија, а од 1766 година работи како помлад библиотекар за да ги надополни своите приходи. Тој ги одби понудите да биде професор по филозофија во Ерланген (1769) и во Јена (1770), надевајќи се дека ќе стане професор во Кенигсберг, што се оствари во 1770 година. По неговото промовирање во професор, постепено го прошири својот репертоар на предавања, вклучувајќи антропологија, рационална теологија, педагогија, природно право, па дури и минералогија и воени утврдувања. Кант целиот живот го мина во Кенигсберг, но затоа неговото творештво има универзален карактер и остави траен белег во филозофијата.
Делото на Кант преставува, од една страна, основна инспирација на многу мислители: Зигмунт Бауман, Жак Дерида, Мишел Фуко и Јирген Хабермас, меѓу другите, во пишувањата за европското наследство на просветителството, но и истакнати политичари, вклучувајќи ги Герхард Шредер, Јошка Фишер, Доминик де Вилпен и Романо Проди, оддадоа почит на неговото творештво. Делата со кои се инспирираат денес мислителите и политичарите кога зборуваат за концептот „Обединета Европа“ се есеите „Идеја за универзална историја од космополитска перспектива“ (1784 г.) и „Одговор на прашањето: Што е просветителство?“ (1784 г.) и книгата „Кон вечниот мир: филозофска скица“ (1795 г.), во помал обем неговите попознатите три критики.
Во првиот есеј, користејќи девет тези Кант предлага доказ, пишувајќи од перспектива на универзална историја, дека разумот и моралната автономија, под што подразбира дејствување во согласност со објективниот морал наместо под влијание на желбите, неизбежно ќе ги победат недостатоците на индивидуализмот. Според петтата теза, „најголемиот проблем за човечкиот вид… е да се постигне граѓанско општество во кое правото се администрира универзално“, што подразбира правна држава и владеење на правото за сите, но „овој проблем е и најтежок и воедно последен што треба да го реши човечкиот вид“ (шестата теза). Во седмата теза, Кант тврди дека најголемиот проблем: воспоставување совршено граѓанско општество „зависи од проблемот на надворешните односи меѓу државите регулирани со закони и не може да се реши без претходно да се реши вториот“ проблем – надворешните односи. Деветтата теза гласи: „Филозофскиот обид да се опише универзалната историја на светот според планот на природата што има за цел совршен граѓански сојуз на човечкиот вид мора да се смета за можен, па дури и да ја промовира оваа намера на природата“. Интересна тема за друг текст можеби е да се направи споредбена анализа на оваа теза со единаесеттата теза за Фојербах (1845).

Книгата „Кон вечниот мир: филозофска скица“ ги содржи надалеку познатите три услови за вечен мир: републиканско уредување на сите држави, правата на народите кои произлегуваат од федерацијата на слободни држави и космополитското право како право на универзално гостопримство, при што, според Кант, „републикански устав е устав што се воспоставува, прво, според принципите на слободата на членовите на едно општество (како човечки суштества), второ, според принципите на зависност на сите од единствено, заедничко законодавство (како субјекти), и трето, според законот за еднаквост на вторите (како граѓани на државата)“. Кант е несомнено еден од најважните филозофи на космополитизмот во модерната ера – неговите дела се инспирација на творештвото на современите космополитски мислители (Хелд, Апија, Поге, Нусбаум), вклучувајќи ги припадниците на петтата генерација на теоретичари за решавање конфликти (Миал, Рамсботам, Вудхаус).
Меѓутоа, Кантовиот „рај“ преточен во неговите размислувања за космополитизмот, за вечниот мир и за универзалната историја, што се вградени во темелите на ЕУ, се, всушност само фарса: ЕУ многу повеќе наликува на Хобсовиот свет: општество во кое сите војуваат против сите (bellum omnium contra omnes). Иронично, корените на ваквиот пристап на ЕУ, можеби, треба да се бараат во животот и делото на Кант (не оспорувајќи дека тој е еден од најголемите мислители на 18 век): Кант, од една страна, никогаш не зачекори во сегашните граници на „официјална“ Европа, додека пак, од друга страна, неговите дела за антропологија и географија демонстрираат низа предрасуди и расистички размисли што ги поткопуваат неговите тврдења за космополитизам, па оттука, според Харви, одбивањето „да се доведе космополитизмот на Кант во дијалог со неговата географија“ може да се разбере „и како морален пропуст и како политичка одговорност“.

Од неправдите што државите на ЕУ ги правеле во минатото: колонизирањето и експлоатирањето на светот, преку егзодусот на Македонците од Егејска Македонија и непризнавањето на македонското малцинство од соседите, до донесувањето на официјалниот нејзин документ – Преговарачката рамка, со што се потврдува идентитетски и културен геноцид на Македонците, ЕУ покажува дека, всушност, нема демократски, праведен и кредибилен пристап за проширување.
Есејот „Одговор на прашањето: Што е просветителство?“ започнува со следниот параграф: „Просветителството е еманципација на човечкото суштество од неговата незрелост што настанала од себе. Незрелоста е неможност да се искористи својот интелект без водство на друг. Оваа незрелост се јавува сама од себе кога нејзината причина не лежи во недостатокот на интелект, туку во недостатокот на решителност и храброст да се искористи својот интелект без водство на друг. Така, ‘Sapere aude! Имајте храброст да го искористите сопствениот интелект!’ е мотото на просветителството“. Латинската изрека на римскиот поет Хорациј: Sapere aude! – „Осмели се да бидеш мудар!“, Кант ја користи како мото на просветителството за да ги развие своите теории за примена на разумот во јавната сфера на човековото живеење, па оттука, понекогаш се преведува и како: „Осмели се да го користиш сопствениот разум!“.
Оттука, во предвечерјето на изборите, повикувам: Осмели се да бидеш мудар! Користи го сопствениот разум, биди мудар, а не партиски послушник, размисли за решенијата и дејствата што политичките субјекти ги правеа меѓу двата изборни циклуса. Од независноста до денес искусивме материјална деградација: сите крадеа, меѓутоа духовната деградација – културниот геноцид, што се случи во последниве седум години не може да се спореди со ништо друго. Духовната деградација се манифестираше преку велепредавство, изневерување на македонските принципи, плиткост, неукост, самоукинување, неправда, работење против националните интереси, разнебитување на Македонија по сите основи, по сите шевови, поразена и предадена Македонија, демакедонизирана Македонија, помор на македонскиот род, македонското име, на сè што е македонско. Па затоа, не заборавај го духовниот пустош што го оставија сегашниве властољупци (вклучувајќи го и претседателот на Македонија) – пустош што направи нашите животи да станат бесцелни, безидејни, нестварни, депресивни, конфузни, очајни.