Мицкоски: ДУИ сака да земе 70 отсто од министерствата, институциите и компаниите

by Фокус

ДУИ и СДСМ разработуваат своевиден заговор против Македонија со поделбите на позициите и на државните функции, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот на партијата во Крива Паланка. Според него, изборите се последната шанса за спас на државата која, како што вели, е одземена од рацете на граѓаните и е управувана од стотина луѓе од ДУИ.

Опозицискиот лидер додаде дека овој „режим“ е „опслужуван од слугите од СДСМ“ и од лидерот на владејачката партија Димитар Ковачевски. СДСМ, според Мицкоски, го прави ова за да купи ден повеќе, а ДУИ за да украде милион повеќе.

-ДУИ со нивните коалициони партнери сакале 70 отсто од министерствата, компаниите, институциите, а 30, само 30 отсто за СДСМ и за Ковачевски. И за ова има информации дека имало веќе средби, а Ковачевски му рекол на Ахмети – земи бел лист хартија напиши колку треба за СДСМ, ние ќе прифатиме. Ете на тоа дереџе падна СДСМ, и со тој образ-ѓон партијата ја сведоа на најниските гранки.

Од друга страна, дека ова е вистина што ви го кажувам се потврдува со онаа симулација која вчера ДУИ ја направи на распределба на министерски места и владини позиции. Јадно, СДСМ никаде го нема. Ќе им порачам кусо, влада не се прави со дигитрони, туку со поддршка од народ. И овој заговор нема да ви помине – рече тој.

За претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, Мицкоски рече дека бил активно вклучен во „молење кон странците“, но секоја врата му била затворена и требало да знае дека ќе загуби силно и убедливо.

-Сакам да се обратам и до македонската опозиција. До партиите кои по разни основи се расцепкани. Јас доколку не повикам на национално обединување, би го погазил супстратот и идеологијата на мојата партија, затоа што ВМРО е и Демократска партија за македонско национално единство.

Пред сликата на руините и хаосот кој го прави оваа власт, ви велам дека секоја наша разлика со која било опозициска партија, било тоа да е Левица или ЗНАМ, е помала од големата и заедничка работа пред нас, а тоа Македонија и нашата борба да кажеме дека има надеж и дека има иднина – порача Мицкоски.

Поврзани новости