Анализа: Грижата за здравјето на жените една од најважните здравствени политики

Бројни истражувања говорат дека во многу европски системи, грижата за здравјето на жените е една од најважните здравствени политики, затоа што со подобро здравје на жените и девојките се гарантира развојот на земјата.

Во Македонија, креирањето на вакви политики со цел подобра и современа здравствена услуга за жените со децении беше во заден план.

Кај нас жените и девојките долги години се соочуваа со ограничување на правото за прекинување на бременоста поради скандалозниот Закон за кој граѓаните, активистите и невладините организации протестираа на улиците. Исто така, здравствените власти не работеа ниту на превентивните програми за спречување на одредени заболувања.

Унапредувањето на здравјето на женската популација со низа мерки, активности и создавање на политики кои почнаа да се применуваат, но и да бидат видливи за јавноста почна во 2018 година

Во 2019 година се донесе нов Закон за прекинување на бременоста, што за првпат се воведе можноста прекинување на бременоста до деветтaта гестациска недела со медикаментозен метод и во здравствена установа од примарна здравствена заштита.

Предноста е што жените веќе не чекаат три дена по советувањето за да биде спроведена интервенцијата, ниту пак повеќе се принудени да објаснуваат зошто сакаат да ја прекинат бременоста. Како новина од овој Закон беше и укинувањето на Првостепената комисија во болниците за одлучување за прекинување на бременоста меѓу 12 и 22 гестациска недела од бременоста.

На овој закон интензивно се работеше со невладините организации кои дадоа целосна поддршка, а истакнати актери, водители и здравствени работници дадоа јавна поддршка за законот.

Воведувањето на иновативната, биолошка терапија за онколошките пациенти во 2019 година придонесе за зголемување на успешноста во лекувањето и подобрување на квалитетот на живот кај пациентите.

Предноста од примањето на биолошката терапија е што го поттикнува малигното заболување да се трансформира во хронично, со што пациентите ќе може да живеат како со секоја друга хронична болест. Со примањето на овој лек истовремено се подобри и се продолжи животот на голем број пациенти.

Во тој период се набавија 30 нови биолошки лекови за рак на дојка, рак на бели дробови, лимфоми, хематолошки болести, метастазиран меланом, мултиплекс склероза, ревматоиден артритис, васкулитис и за други заболувања.

„Биолошката терапија претставува значаен чекор и најсилниот удар во борбата против ракот, вклучително и ракот на дојка. Пациентите повеќе не одат во странство за биололошка терапија. Ниту еден пациент којшто има малигна болест не само за процесот на лекување, туку и за контролни прегледи сега не плаќа партиципација“, посочуваше тогашниот Министер за здравство Венко Филипче.

На пациентите со онколошки заболувања за првпат им се овозможи психолошка поддршка што претставува една од најважните сегменти за успешно лекување на болестите.

Во однос на состојбата со ракот на грлото на матката, направен беше значителен исчекор со намалување на бројката на новодијагностицирани случаи. Во 2009 година, дијагностицирани биле над 500 пациентки, додека пак во 2019 оваа бројка е двојно намалена, на над 200 нови пациентки.

Преку Програмата за рана детекција на малигни заболувања се спроведуваше бесплатен скрининг за рано откривање на овој тип на рак, со што се приднесе за намалување на стапката на смртност.

Со голема поддршка од невладиниот сектор се отворија три центри за упатување на жртви од сексуално насилство во три јавно-здравствени установи и целосно се финансираа програмите за ХИВ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот