Несекојдневна понуда: Италијански ресторан дава бесплатно шише вино за гостите кои ќе исполнат еден услов

Фото Pexels / Adrienn

На социјалните мрежи честопати се споредува сегашното време со осумдесеттите или деведесеттите. Една од таквите споредби покажува дека порано луѓето уживале во храната во рестораните, а денес постојано ја фотографираат.

Ова не е далеку од вистината, бидејќи глетката како луѓето ја фотографираат храната што ја послужуваат келнерите и веднаш ги објавуваат овие фотографии на социјалните мрежи не е невообичаена. Потоа, тие ја проверуваат фотографијата дали некој ја забележал и на колкумина им се допаѓа, па добар дел од времето наместо да разговараат со пријателите или партнерите, го трошат гледајќи во екраните.

Но, еден италијански ресторан сака да стави крај на таквата практика и сака луѓето додека уживаат во храната и пијалакот, да уживаат и во разговорот со други луѓе, а не постојано да гледаат во екраните. Затоа имаат несекојдневна понуда која многу од нивните посетители нема да можат да ја одбијат.

Имено, кога ќе влезете во ресторанот „Ал Кондоминио“ во Верона, ќе можете да го заклучите телефонот во посебна кутија за која ќе добиете клуч, а кога ќе му го покажете клучот на келнерот, тој ќе ви донесе бесплатно шише вино.

Како што објаснува сопственикот Анџело Лела за „Гардијан“, тој сакал да отвори ресторан кој би се разликувал од сегашните ресторани.

„Технологијата навистина станува проблем. Нема потреба да гледате во вашиот телефон на секои пет секунди, но за многумина тоа е како дрога… На овој начин имаат можност да го остават телефонот на страна и да испијат добро вино“, рекол тој.

Не е тешко да се заклучи дека многу луѓе би можеле да се откажат од својот телефон на кратко за шише вино, а кој знае, можеби дури и им се допаѓа, па ќе им стане навика воопшто да не гледаат во екраните на телефонот за време на дружењето во рестораните и кафулињата. Што се однесува до овој ресторан, речиси 90 отсто од гостите одлучуваат да го заменат телефонот за шише вино.

Бесплатно шише вино не е единственото нешто што посетителите на „Ал Кондоминио“ можат да го добијат. Имено, ресторанот ги поттикнува гостите да пишуваат рецензии кои можат да се остават во истата кутија каде што ги оставаат телефоните, а оние кои ќе напишат најдобра рецензија ќе добијат бесплатен оброк при следната посета.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот