Иранските пораки ја спуштија цената на нафтата на 86 долари

Цената на нафтата падна на 86 долари на меѓународните пазари во петокот, бидејќи инвеститорите беа смирени од пораките од Иран по „сомнителниот“ инцидент со беспилотни летала, намалувајќи ги стравувањата од ескалација на израелско-иранскиот конфликт.

На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше за 72 центи пониска од вчерашното затворање на тргиувањето и изнесуваше 86,39 долари. На американскиот пазар со барелот за испорака во мај се тргува по пониска цена од 66 центи, по 82,07 долари. Речиси за исто толку падна и цената на барелот за испорака во јуни и се лизна на 81,42 долари.

Одделно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки поевтинил за 2,29 долари на 87,35 долари во четвртокот.

Пазарите утрово беа катапултирани од извештаите на западните медиуми за експлозија во близина на иранскиот град Исфахан. Американската телевизиска корпорација ABC објави, цитирајќи неименуван американски функционер, дека израелски ракети погодиле локација во Иран.

Иранската државна телевизија објави дека „на небото над Исфахан биле забележани три дронови. Системот за противвоздушна одбрана бил активиран и ги уништил беспилотните летала“. Иранските медиуми не го спомнаа Израел во извештаите, а еден аналитичар изјави за државната телевизија дека беспилотните летала управуваат од луѓе кои се инфилтрирале во Иран.

Техеран го минимизираше инцидентот и посочи дека не планира да реагира. Пораката беше најјасно дадена од висок ирански функционер, кој за Reuters изјавил дека Техеран не планира одговор во овој момент.

Пазарите стравуваат од ескалација откако Техеран објави одговор на израелскиот напад врз иранската амбасада во сирискиот главен град Дамаск, во кој загинаа неколку високи ирански воени претставници и конзуларни претставници.

Иран пред десет дена испрати во Израел стотици беспилотни летала и проектили, кои главно беа соборени од системот за противвоздушна одбрана. Никој не беше убиен и беше предизвикана само ограничена штета, но Тел Авив сигнализираше дека планира одговор, и покрај предупредувањето на САД дека нема да ги поддржи нивните офанзивни акции.

„Почетното отскокнување на цените на нафтата можеби ги нагласи првичните стравувања од понатамошна ескалација, но видовме дека и пазарите на капитал и нафта го менуваат курсот по тие прелиминарни потези“, рече Џошуа Махони од „Scope Markets“.

Инвеститорите го очекуваа одговорот на Израел на нападите со ирански беспилотни летала и постепено намалување на премијата за ризик, па цената на нафтата падна за повеќе од четири отсто од понеделникот, забележува Reuters.

Сепак, тензијата сè уште не е целосно стивната бидејќи Иран е трет по големина производител на нафта во Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), според податоците на Reutersс, така што ескалацијата би загрозила значителен дел од понудата, забележува Бјарне Шилдроп од „SEB Research“.

Американските пратеници укажаа дека би можеле да воведат санкции за извозот на нафта од Иран, вклучувајќи ги во пакетот воена помош за Украина во очекување на гласање во Конгресот. Предложени се казнени мерки за бродови, пристаништа и рафинерии кои преработуваат иранска нафта и за трансакции на кинески финансиски институции поврзани со купување на иранска нафта.