Со исклучително атрактивен изглед, шармантни во своето обраќање и сценско однесување, а, пред сè, извонредни музичарки, балканскиот „Destiny Quartet“,  во Филхармонијата во Скопје, приреди концерт за вистинско музичко уживање. Овој познат балкански квартет, составен од четири млади, убави и професионални музичарки, се претстави пред македонската публика со разновиден репертоар, составен од модерни аранжмани на класични дела, филмски партитури и популарни музички хитови. Четирите дами, кои буквално пленеа со својата женственост, Гергана Алексиева и Венета Гудева на виолина, Александрина Митева на виола (Бугарија) и Маја Михајловска на чело (Македонија), со својата виртуозна изведба беа празник и за очите и за ушите, но и за душата.

За час и половина, колку што траеше музичката магија, тие ги собраа сите симпатии од публиката во полната сала на Филхармонијата, која ја наградуваше нивната изведба со бурен аплауз и овации. Присутните на концертот ракоплескаа во такт, и пееја и играа, а девојките им свиреа и „на увце“, шетајќи се низ салата. Извонредната атмосфера на концертот ја надополни и нивната изведба на песните „Џипси сонг“ и „Јовано, Јованке“, песна што ја изведоа „во видеопридружба“ на дуото Дац и Александар, со што предизвикаа бура од аплаузи и стоечки овации.

Концертот на „Destiny Quartet“ беше насловен „Љубов без граници“, а токму љубовта, како што посочија самите, е нивниот главен двигател, а задоволната публика побара и бис.

Инаку, тие станаа препознатливи во регионални, но и во светски рамки по големиот број соработки, меѓу кои гостувањето на концертот на Влатко Стефановски и разработката на познатата народна песна „Јовано, Јованке“ со дуото Александар и Дац. Спојувајќи ја музичката разновидност на различни култури, „Destiny“ е, всушност, квартет на светот. Нивните амбиција и квалитети се веќе видени на различни меѓународни концертни сцени, огромни корпоративни настани низ Европа и на приватни забави.

Како аранжер на музиката на квартетот се потпишува светски познатиот композитор Маурицио Абени, познат по својата соработка со музичките икони како Андреа Бочели и Луис Бакалов. Меѓу оригиналните аранжмани на „Destiny Quartet” се безвременските музички теми како „El Choclo“, „Tico-Tico“, „Miserlou-Flamenco“, „Ederlesi“, „Black Eyes“, „Ladybug“, „Scent of a Woman“, „Nah Neh Nah“ и многу други. (Д.Т.)