Нашата Ана Петан оваа сабота ќе пее на забавно-музичкиот фестивал „Белградска пролет 2024“

119

Македонска поп-пејачка Ана Петановска, со уметничко Петан, позната по моќните интерпретации и убавата насмевка, в сабота (20 април) ќе настапи на реномираниот музички фестивал „Београдско пролеќе“ („Белградска пролет“).

Таа е единствената Македонка меѓу 19-темина изведувачи од целиот регион што се во натпреварувачкиот дел на фестивалот, меѓу кои се: Јелена Томашевиќ, Гоца Тржан, Екстра Нена, Ванна, Јасна Госпиќ, Бојан Маровиќ, Александар Човиќ и „Регина“, Данијел Алибабиќ…..

Петан ќе изведе балада посветена на саканите што сме ги изгубиле, а чие присуство и понатаму го чувствуваме силно во нас и насекаде околу нас, како чиста љубов. Музиката за „Балада за анѓела“ („Балада за ангел“) ја напиша Григор Копров, аранжманот е на Стефан Петановски, а текстот е на Душан Бачиќ.

Македонската публика ја знае 20-годишната Ана најмногу по настапите на неколку врвни музички настани, како традиционалниот концерт на Националната опера и балет по повод празникот Василица, оскаровската гала-вечер со филмска музика, каде што имаше и дует со извонредниот Христијан Тоневски, концертите на Камерниот оркестар Битола со хитови од `80-тите и`90-тите и концертот посветен на Тоше Проески. На сите концерти ја восхити публиката со волшебниот глас и со незаборавните изведби. Таа е пејачка што го остава срцето на сцена, а нејзините енергија и емоции остануваат долго по завршувањето на аплаузите.

Меѓу најистакнатите проекти во кои учествувала Ана се албумите „Eros” и „Architect of Reality” на Стефан Петановски, кој е исклучително талентиран гитарист, продуцент, аранжер и композитор. Петановска учествуваше на Евровизија 2022, како придружен вокал на Андреа во песната „Circles”, а таа година ја објави првата оригинална композиција „Haya”, со што го означи почетокот на соло- кариерата. За тоа колку ѝ значи музиката, Ана Петановска вели: „Музиката, тоа сум јас. Таа ме изгради како личност. Благословена сум што ми е дел од животот.“ По „Београдско пролеќе“, во план се настапи на фестивали во регионот, како и солистички концерт.