ЕУ првпат воведува санкции против израелските доселеници на Западниот брег

Европската унија првпат воведува санкции за радикалните израелски доселеници во палестинската енклава Западниот брег (на реката Јордан) поради насилни дејствија против Палестинците, потврдија во петокот дипломати за DPA.

Договорот бил финализиран во писмена процедура која им овозможува на членовите да донесуваат одлуки за итни прашања без да испраќаат министри во Брисел.

Санкциите се насочени кон поединци и организации одговорни за насилството врз Палестинците на Западниот брег. Оние кои се предмет на санкции повеќе нема да можат да влезат во ЕУ, да работат со граѓани на ЕУ, а сите средства или сметки што ги имаат во ЕУ ќе бидат замрзнати.

Овие мерки имаат за цел да ги казнат кршењата на човековите права и се дел од режимот на санкции на ЕУ, рекле неименуваните соговорници на германската новинска агенција.

Уште кон средината на март министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија постигнаа политички договор за санкции против израелските доселеници кои ги напаѓаат Палестинците на окупираниот Западен брег, како и за санкции против членовите на исламистичкото палестинско движење Хамас.

Тоа беше првпат членките на ЕУ да постигнат консензус за санкционирање на насилните израелски доселеници кои малтретираат Палестинци на Западниот брег (на реката Јордан), енклава која меѓународната заедница ја смета за окупирана палестинска територија од Израел во војната во 1967 година.