Киев: Нема „план Б“ без САД

Украина нема „план Б“ за конфликтот со Русија доколку американскиот Конгрес одбие да одобри поголема воена помош за Киев, изјави министерот за надворешни работи Дмитриј Кулеба.

Дипломатот во четвртокот изјави дека ова е пораката што тој му ја пренел на американскиот државен секретар Антони Блинкен претходно истиот ден, кога двајцата се состанаа на маргините на самитот на министрите за надворешни работи на Г7 на италијанскиот остров Капри.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден не може да испорача уште 60 милијарди долари помош за Киев преку Конгресот, бидејќи посоти жесток судир меѓу демократите и републиканците околу имиграцијата и граничната безбедност.

Претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон најави претходно оваа недела дека ќе го стави на гласање самостојниот нацрт-закон за помош на Украина во сабота, додека Бајден вети дека ќе го потпише законот доколку помине.

Кулеба одби да шпекулира за исходот од гласањето, велејќи дека „толку многу битки се водеа околу овој предлог-закон – и ќе продолжат да се водат – само да го почекаме резултатот“.

Тој, сепак, повтори дека за Украина нема алтернатива за американската воена поддршка, која веќе изнесува над 111 милијарди долари од почетокот на конфликтот со Русија во февруари 2022 година.

„Отсекогаш сум велел дека не ни треба „план Б“ затоа што нашиот „план А“ носи најсилни можни одлуки за Украина, а не полуодлуки. И денеска го потсетив државниот секретар за ова: „Видете, јас немам никаков „план Б“, „планот А“ мора да функционира – донесување силен предлог-закон“, рече министерот за надворешни работи.

Кулеба вели дека Блинкен го поддржал и рекол дека треба да бидат фокусирани исклучиво на силни одлуки за Украина, односно на „планот А“.

Во средата, украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини падот на западната воена помош за рускиот воен напредок, признавајќи дека силите на Москва „вршат притисок на фронтот“.

Русија постојано предупредува дека странските испораки на оружје за Киев нема да ја спречат Москва да ги постигне своите воени цели, туку само ќе ги продолжи борбите и може да го зголеми ризикот од директна конфронтација меѓу Русија и НАТО. Според руските власти, обезбедувањето оружје, размената на разузнавачки информации и обуката на украинските војници значи дека западните земји веќе станаа де факто страни во конфликтот.