Нема докази за израелски ракетен напад, според иранските медиуми

Иранските државни медиуми објавија во петокот, откако извори соопштија дека Израел ја нападнал иранската територија, дека неколку мали летечки објекти биле соборени над централната провинција Исфахан, но дека нема докази за ракетен напад на земја, пренесуваат светските агенции.

Претходно во петокот, иранската државна новинска агенција IRNA објави експлозија во провинцијата, наводно предизвикана од иранската противвоздушна одбрана.

„Пред неколку часа беа забележани и погодени мал број летечки објекти на небото над Исфахан“, изјави новинарот во директен пренос на државната телевизија. „Првично нема извештаи за штети. По привремениот прекин, возниот сообраќај е обновен“.

Неколку часа откако изворите изјавија дека Израел извршил напад на иранска територија, висок ирански функционер изјави за Reuters дека Иран нема намера веднаш да реагира.

„Тврдењето на странски извор за инцидентот не е потврдено. Немавме никаков надворешен напад, а дискусијата (за неговата природа) повеќе се натежнува кон инфилтрација отколку напад“, рекол иранскиот функционер кој сакал да остане анонимен.

Минијатурните беспилотни летала, кои беа соборени од противвоздушната одбрана во Исфахан, беа управувани од „инфилтратори од внатрешноста на Иран“, изјави ирански аналитичар на државната телевизија претходно во петокот.

Портпаролот на иранскиот Национален центар за кибернетички простор директно негираше дека станува збор за ракетен напад врз Иран.

„Немаше воздушен напад надвор од нашите граници врз Исфахан или други делови од земјата“, напиша Хосеин Далиријан на социјалната платформа Х. Додаде дека Израел „само извел неуспешен и понижувачки обид на лет со беспилотни летала и, исто така, беспилотните летала се соборени“.

Иранските државни медиуми објавија слични информации, велејќи дека во текот на ноќта во неколку области на земјата биле активирани системите за противвоздушна одбрана за да гаѓаат можни цели, но нема извештаи за директен удар или експлозија. Во извештаите се додава дека сите објекти, вклучително и нуклеарните објекти, се безбедни.

Иранските државни медиуми цитираа армиски генерал во провинцијата Исфахан, кој рекол дека не е забележана штета.

„Во Исфахан се слушна прободен звук поради противавионски оган врз сомнителни предмети. Немаше никаква штета“, рекол генералот.

Соединетите држави биле информирани за намерата на Израел да го нападне Иран, но не ја одобриле, изјавиле неименувани официјални лица за некои американски медиуми. Американските телевизии NBC News и CNN цитираа неименувани официјални лица кои велат дека Израел однапред го предупредил Вашингтон за нападот.

„Не го одобривме одговорот“, ја цитираше CNN изјавата на еден неименуван американски функционер.