Отворен Македонскиот павилјон во Венеција

Македонскиот павилјон на 60. Венециско биенале, со проектот „Интер спем ет метум“ на уметницата Славица Јанешлиева, е отворен во објектот „Скуола деи Ланери“. Годинашното биенале го курира Антонио Педроса, а генералната тема е „Странци насекаде“. Носител на проектот е Националната галерија на Македонија, комесарка е Дита Старова Ќерими, директорка на НГМ, кураторка е Ана Франговска, кустос-советничка во Националната галерија.
– Mожеме ли зборот „убавина“ да го замениме или израмниме со зборовите почит, слобода, љубов, толеранција, прифаќање? Можеме ли да прифатиме некого поради сето она што тој/таа/тоа е и затоа што го познаваме суштински? Трансмедијалниот и транснаративен проект „Интер спем ет метум“ на Славица Јанешлиева претставува визуелно прочистена и концептуално осмислена просторна инсталација што нѐ фрла во цивилизацискиот дебрис на еден мошне сензитивен и бајковит начин. Низ повеќедимензионални медиумски платформи и материјали, како пердуви, лед-неонски натписи, проекции, огледала, Јанешлиева нѐ впушта во неколку концептуално-наратолошки матрици каде што нѐ соочува со чувството да си странец и тоа оној што е насекаде, во мене, во тебе, во нив, во нас – стои во објаснувањето на концептот на поставката.

Со својот проект уметницата нѐ соочува со прифаќањето или неприфаќањето на одвоените квалификативи од оние на мноштвото, без оглед дали различноста се базира на полот, сексуалната определба, изгледот, појавата, однесувањето, болест, националност, религија, јазик, политичко убедување…
– Нѐ соочува и со чувството на самостигматизација, автоцензура, самокритика, поради наметнатите очекувања. Сепак, да се биде различен носи потенцијал и за трансформација. Исто како и во природната селекција, мутацијата ја зголемува веројатноста дека ќе се случи или неуспех во адаптацијата или дека се појавила нова варијанта што е посупериорна од она што било претходно. Или некој би можел да ја објасни трансформативната моќ на различното како што произлегува од психолошката болка и страдање, кои се различни причини од кои може да се црпат инспирација и мотивација за издигнување над осудата и острацизмот што различноста од другите ги предизвикува. Од секој од нас зависи да го најдеме својот пат до нашиот внатрешен лебед – вели кураторката на проектот. В.Д.