ВИДЕО| Фустаните на принцезата Дијана изложени во Хонгконг пред наддавањето

Сакото со светожолта боја на залез, обложено на рамениците и украсено со блескави златни копчиња коешто принцезата Дијана го носела на патувањето во Хонгконг во 1989 година ќе биде една од шесте нејзини парчиња облека изложени во поранешната британска колонија пред наддавањето закажано за јуни.

Колекцијата од фустани, чевли и чанти на принцезата од Велс е изложена во трговскиот центар во Хонгонг во следните 12 дена од четврток, пред колекцијата да се пресели во Ирска до аукцијата на 27-ми јуни.

Принцезата Дијана, која загина во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година, ја диктираше модата „секогаш кога ќе се облечеше и излезеше“, вели Мартин Нолан, директор на аукциската куќа Julien’s со седиште во американската сојузна држава Калифорнија.

Познатото сако во боја на нарцис на дизајнерката Кетрин Вокер би можело да достигне цена од 50.000 долари, додека синиот вечерен фустан со ѕвездички би можел да достигне цена од 400.000 долари. Принцезата го носеше овој фустан од дизајнерот Мареј Арбеид на премиерата на „Фантомот од операта“ во 1986 година во лондонски „Вест Енд“.

Изложена е и вечерната тоалета на дизајнерот Виктор Еделштајн од свила и чипка, како и цветниот фустан на Кетрин Вокер што Дијана го носеше во 1991 година на бдеењето на нејзиниот близок пријател Адријан Вард Џексон.

Многу луѓе го преполнија малиот изложбен простор. Еден од посетителите, 69-годишниот Фунг, се сеќава како толпата се излеала низ улиците на Хонгконг кога Дијана пристигна во тој град во 1989 година.

„Таа беше харизматична, грижлива и посветена на добротворната работа. Затоа е исклучително почитувана во Хонгконг”, вели Фунг.

Во 2023 година, аукциската куќа Julien’s продаде еден од вечерните фустани на принцезата Дијана за рекордни 1,14 милиони долари.