МОН ги известило училиштата дека деновите на изборите ќе се одработуваат во две саботи, СОНК бара повлекување на предлогот

Министерството за образование и наука (МОН) со допис ги известило училиштата дека деновите на одржување на изборите, кои ќе бидат неработни, ќе се одработат во две саботи – 18 мај и 1 јуни.

Дека МОН испратило вакво известување до училиштата синоќа во објава на Фејсбук информира претседателот на Самостојниот синдикат за образование и култура (СОНК), Јаким Неделков.

Во дописот на Министерството со вчерашен датум, меѓу другото, пишува:

„Со цел да се исполни одредбата од Законот со кој учебната година остварува во 180 наставни дена, а притоа да не се продолжи учебната година, деновите кога се одржуваат избори ќе се надомесат со организирање настава во следните денови: 18 мај (сабота) со часови за денот 24 април 2024 година и 1 јуни (сабота) со часови за денот 8 мај 2024 година“.

Освен дека наставата предвидена за деновите на гласањето ќе ја надоместат во две саботи во текот на мај и јуни, МОН ги задолжува основните училишта во Град Скопје на 15 јуни да ги одработат пропуштените часови од 30 ноември лани, кој беше неработен ден поради одржување на Министерскиот совет на ОБСЕ.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, кој информира за дописот кој училиштата го добиле од МОН, бара од министерот Јетон Шаќири веднаш да го повлече.

„Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни? Министерот за образование веднаш да го повлече известувањето до училиштата со кое се задолжуваат да ги одработат ‘неработните’ денови, прогласени од Владата заради одржување на претстојните избори! Впрочем, и други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни денови, како на пример учебната 2021/22 година“, пишува Неделков во објавата на Фејсбук.
Владата ги прогласи за неработни за сите граѓани деновите на одржување на изборите, 24 април и 8 мај, поради непречено одржување на изборниот процес. Тие денови, како што соопштија оттаму, нема да се одработуваа.

МОН вчера преку писмено соопштение информира дека во деновите пред одржување на изборите, 23 април и 7 мај, учениците кои следат настава во училиштата каде што ќе се одржи гласањето ќе имаат скратени часови.