Пад на инфлацијата во ЕУ во март за 0,2 процентни поени

– Годишната стапка на инфлација во Еврозоната во март годинава изнесуваше 2,4 отсто, што претставува намалување за 0,2 процентни поени во однос на претходниот месец, кога таа изнесуваше 2,6 проценти.

И на ниво на цела ЕУ, годишната стапка на инфлација минатиот месец се намали за 0,2 процентни поени на 2,6 отсто од 2,8 проценти колку што изнесуваше во февруари 2024 година.

Според податоците на Европската статистичка агенција – Евростат, во март 2023 година годишната стапка на инфлација во Еврозоната изнесуваше 6,9 отсто, а во цела ЕУ – 8,3 проценти.

Гледано по земји членки, минатиот месец најниска годишната стапка на инфлација имала Литванија од 0,4 отсто, по што следуваат Финска со 0,6 и Данска со 0,8 проценти.

Од друга страна, највисока годишна инфлаторна стапка во март е регистрирана во Романија од 6,7 отсто, пред Хрватска со 4,9 и Естонија и Австрија со по 4,1 проценти.

Во споредба со февруари 2024, годишната инфлација е намалена во 13 земји членки на ЕУ, во четири останала непроменета, а во останатите десет бележи раст.

Најголем удел во нивото на годишната стапка на инфлација во март имале растот на цените на услугите за 1,76 процентни поени, на храната, алкохолот и тутунот за 0,53 процентни поени и на неенергетските индустриски стоки за 0,30 процентни поени. Енергијата, пак, во март во ЕУ поевтинила за 0,16 процентни поени.