Запознајте ги децата со сообраќајните правила, советува РСБСП

Децата се една од најранливите категории учесници во сообраќајот. Токму затоа неопходно е да се вложат заеднички напори за унапредување на нивната безбедност во сообраќајот. Треба да се има предвид дека тие се рамноправни учесници во сообраќајот на патиштата и да се посвети особено внимание на нивната едукација од областа на сообраќајните правила и прописи. Неопходноста за помош и едукација од возрасните посебно е изразена кај децата од помала возраст, информираше Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Затоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата советува:

  • запознајте ги децата со сообраќајните правила и прописи,
  • разговарајте со децата за нивното однесување во сообраќајот и за правилноста на постапките, укажете им како можат да ги намалат или избегнат ризиците по нивната безбедност во сообраќајот,
  • укажете им на децата дека коловозот треба да се преминува само на обележан пешачки премин,
  • помалите деца во сообраќајот треба да се движат држејќи за раката возрасен,
  • децата во сообраќајот треба да се сконцентрирани (а не да користат мобилни телефони или слушалки) за да можат навремено и правилно да реагираат,
  • пред да го преминат коловозот децата треба да застанат, да погледнат лево и десно, па дури откако ќе се уверат дека сите возила запреле и дека е безбедно, може да исчекорат за да преминат,
  • укажете им на децата дека не е безбедно да се движат на паркинг за возила или да го преминуваат коловозот помеѓу две паркирани возила затоа што можеби возачите нема да можат да ги забележат,
  • вклучете ги децата во одлучувањето кога и каде е безбедно да се преминува коловозот,
  • препорачливо е децата да носат светла облека или облека со рефлектирачки делови за да бидат повидливи во сообраќајот,
  • бидете пример за совесно и одговорно однесување во сообраќајот затоа што децата најчесто учат т.е. земаат пример од однесувањето на другите.