Фото: ЕПА

Три трофеја (ЛШ, првенство и куп) во една сезона досега освоиле осум клуба, лани тоа го постигна Манчестер сити, а претходно Селтик, Ајакс, ПСВ Ајндховен, Манчестер јунајтед и Интер по еднаш и Барселона и Баерн по двапати

ФУДБАЛ

Баерн – Реал Мадрид на 30 април и Борусија Дортмунд – Пари сен Жермен на 1 мај ќе бидат првите дуели од полуфиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), откако неделава завршија возбудливите и ефикасни четвртфинални натпревари. Реваншите во полуфиналето на програмата се на 7 и на 8 мај.
Баерн се пласира понатаму со вкупната победа на средбите со Арсенал со 3-2, Реал Мадрид на пенали го победи актуелниот европски првак Манчестер сити (4-3 на пенали, по вкупното реми 4-4), Борусија Дортмунд славеше на натпреварите со Атлетико Мадрид со 5-4, а Пари сен Жермен ја совлада Барселона со вкупен резултат 6-4. Вкупно се постигнати 32 гола на осум меча.
Од годинашните полуфиналисти само Пари сен Жермен остана во трка за тројна круна сезонава, бидејќи води во првенството на Франција (има 10 бода повеќе од второпласираниот Брест, на пет кола до крајот на сезоната и натпревар помалку) и ќе настапи во финалето на фудбалскиот Куп на таа земја (се среќава со Лион, на 25 мај).
Реал Мадрид води во шампионатот на Шпанија (осум бода повеќе од Барселона, треба да се играат уште седум кола), а Купот на таа земја го освои Атлетик Билбао. За Баерн и за Борусија Дортмунд трофејот во Лигата на шампионите е единствениот за кој се во игра за сезонава (титулата во Германија ја обезбеди Баер, а тој клуб и Кајзерслаутерн ќе се сретнат во финалето на Купот на Германија, на 25 мај).
Тројна круна лани освои Манчестер сити (победи во ЛШ, првенството и во ФА-купот), а таков редок успех оствариле уште седум клуба (Селтик, Ајакс, ПСВ Ајндховен, Манчестер јунајтед и Интер по еднаш и Барселона и Баерн по двапати). Н.М.


По финалето некој ќе прослави европска титула со втор клуб

Годинава фудбалер или тренер во Лигата на шампионите (ЛШ) ќе прослави титула со втор клуб, откако во секој од полуфиналистите има барем по еден што освоил европска круна со друг клуб. Во Пари сен Жермен трофеј во Лигата на шампионите освоија, на пример, Кеилор Навас, Ашраф Хакими и Марко Асенсио со Реал Мадрид, Лукас Хернандез со Баерн и тренерот Луис Енрике како кормилар на Барселона. Во Реал Мадрид трофејот го освоија Антонио Ридигер и Кепа Аризабалага играјќи за Челси. Во Баерн тоа е тренерот Томас Тухел, кој победи пред три години со Челси. Во Борусија Дортмунд таков трофеј има Никлас Шуле, кој титулата ја освои со Баерн, во 2020 година.
Триесетина фудбалери ја освоиле европската клупска круна со повеќе од еден клуб, а само Кларенс Седорф од Холандија тоа го направи со три (по еднаш со Ајакс и со Реал Мадрид и двапати со Милан). Меѓу тренерите, пак, никој досега не славел во најсилното европско клупско натпреварување со три клуба, а со по два победиле Карло Анчелоти (по двапати со Милан и со Реал Мадрид), Пеп Гвардиола (двапати со Барселона, еднаш со Манчестер сити), Ернст Хапел (по еднаш со Феенорд и со Хамбургер), Жозе Мурињо (по еднаш со Порто и со Интер), Отмар Хоцфелд (по еднаш со Борусија Дортмунд и со Баерн) и Јуп Хенјкес (по еднаш со Реал Мадрид и со Баерн). Н.М.