5 најстари цркви во Москва (ФОТО)

Алексей Дружинин/Sputnik
Речиси сите овие храмови кои се изградени уште пред руските цареви, за време на московските кнезови, и денес можат да се посетат.

Спаската црква на Андрониковиот манастир

Најстарата црква во градот се наоѓа надвор од московскиот Кремљ. Тоа е Спаската црква на некогашниот Спасо-Андроников манастир во Тагањскиот реон на руската престолнина, на високиот брег на реката Јауза.

Првата црква на манастирот основан во 1357 година направена е од дрво и изгорела во 1368 година. На нејзино место е подигната Спаската црква од плинфа – тенка печена тула. Црквата е преѕидана во бел камен во 1425-1427 година. Така е зачувана до денес. За време на војната од 1812 година црквата е опљачкана, запалена, сводовите заедно со куполата се урнати во храмот. Затоа во 19 век е извршена реконструкција.

Од книгата „Историја на руската архитектура“, 1951 г.

Сто години подоцна, 1959-1960 година, советските архитекти-реставратори го вратиле некогашниот изглед на црквата. А, во 1993 година под главниот престол на храмот пронајдена е гробницата на преподобниот старец Андроник Московски – првиот игумен на Спасо-Андрониковиот манастир, ученик на Сергиј Радонешки. Претходно се сметало дека неговите мошти се однесени од црквата по 1917 година. Во истиот гроб со него погребан е и неговиот ученик преподобниот Сава Московски, вториот игумен на манастирот.

Црква на Раѓањето на Пресвета Богородица на Трем

Оваа црква во московскиот Кремљ во текот на вековите постоење станала фактички дел од зданието на Големиот Кремљски дворец. Изградена е 1393-1394 година по нарачка на кнегињата Евдокија Дмитриевна, вдовицата на Дмитриј Дoнски. Црквата припаѓала на женската половина од дворецот и била домашен храм на кнегињата.

Од оригиналната црква од времето на кнегињата Евдокија зачувани се долниот дел на ѕидовите и главниот портал. Потоа црквата многу пати е реконструирана. Во 19 век главнo ја посетувале службениците на Кремљскиот дворец – еден од нив бил лекарот на Московската дворска канцеларија Андреј Берс. На 23 септември 1862 година неговата ќерка Софија Берс се венчала во црквата Раѓање на Пресвета Богородица со Лaв Толстој.

Денес црквата не е активна и влез во неа не е можен. Денес ова е најстарата градба на московскиот Кремљ и најстариот делумно зачуван споменик на архитектурата во Москва.

Успенска црква

Подигната 1475-1479 година под раководство на италијанскиот архитект Аристотел Фиораванти Успенската црква на московскиот Кремљ е најстарата целосно зачувана градба во Москва. Овој храм бил соборна црква на Русија до 1917 година.

Темелите на првобитната Успенска црква се положени во 1326 година за време на владеењето на Иван Калита. Нејзин основач бил митрополитот киевски и на цела Русија Петар, кој својот престол го пренел од Владимир во Москва и така ја започнал историјата на Москва како престолнина на Руската црква. Затоа за московските кнезови на Успенската црква имала посебно значење.

Во Москва во 1470 година избил голем пожар и црквата делумно се урнала. Нејзината обнова за великиот московски кнез Иван Трети била проект од симболично значење. Москва во тоа време, имено, веќе била неспорен политички и духовен центар на Руската држава, а Иван тоа сакал да го истакне: во 1472 година на темелите на црквата чија изградба само што започнала изграден е дрвен храм, во кој Иван Василевич се венчал со Софија Палеолог, внука на последниот византиски император. Москва и нејзиниот кнез на овој начин покажале дека тие се наследници на православното христијанско царство.

Меѓутоа, во 1474 година незавршена црква повторно се урнала поради слаб земјотрес. Излегло дека ѕидовите на храмот не се доволно цврсти. За завршување на работите во Москва е повикан италијанскиот инженер и архитект Аристотел Фиораванти. Тој суштински ја сменил техниката на изградбата на храмовите. Организирал производство на тула која според техниката за Москва била нешто ново, а за стабилноста на ѕидовите во нив уфрлил железни столбови. Во Успенската црква во 1498 година е одржана првата црковна церемонија за преземање на престолот. За велики кнез е крунисан внукот на Иван Трети Дмитриј. Оттогаш сите крунисувања во Русија се одржувале само во Успенската црква. Тука се наоѓа и гробницата на митрополитите и патријарсите.

Благовешченска црква

Првобитно овој храм е граден како црква со една купола на московското кнежевско семејство. Изградена е од бел камен во последната деценија на 15 век за време на владеењето на Василиј Први, син на Дмитриј Донски. Од тоа време под храмот е зачувано долното ниво „потклет“ (простор за складирање). Тоа е просторија со димензија 7 на 7 метри речиси исто толку стара колку и ѕидовите на црквата Раѓање на Пресвета Богородица на Трем, со тоа што е зачувана во оригиналниот облик. Во оваа просторија московските кнезови ја држеле својата благајна.

Црквата што може денес да се види е изградена во 1484-1489 година. Ја подигнале псковскиот мајстори Кривцов и Мишкин, а подоцна е реконструирана во шеесеттите години на 16 век за време на Иван Грозни. За московските царови храмот бил место на чување на мошти и на свети реликвии. Во советско време е претворен во музеј, а денес не е активен, но од 1993 година на Благовец во црквата литургија служи патријарх. На тој ден од скалилата на црквата патријархот московски и на цела Русија пушти бели гулаби во небото.

Црквата Полагање на ризата на Пресвета Богородица

Оваа мала црква е основана во 1450 година како домашен храм на московските метрополи, но изгорела во 1474 година и била повторно соѕидана во 1484-1485 од истите мајстори коишто ја изградиле Благовешченската црква. Црквата повеќе не го менувала изгледот, а денес (по реконструкцијата во советско време) изгледа како во 17 век, кога со премин е поврзана со Теремниот дворец. Храмот е вратен на Руската православна црква и во него се вршат богослужби на престолните празници, додека во останатото време функционира како музеј.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња