Како стар советски „москвич“ пропатува низ Арктикот среде зима?

Алексей Жирухин
Дури и во современо и доброопремено возило е тешко и ризично да се вози назима по Арктикот и Крајниот Север. Но, овие четворица луѓе тргнаа на арктички одмор во стар советски „москвич“. Не само што преживеаја, туку и уживаа во патувањето.

Многумина љубители на патувања сонуваат за тоа да ги видат северните убавини на Русија. Бескрајните пространства во кои само понекогаш се среќаваат номадските одгледувачи на ирвасите со своите стада, широки реки коишто по шест месеци се замрзнати, градови подигнати на вечниот мраз. До поголемиот дел од овие краишта се стасува само со авион или назима со автомобил, кога реките и мочуриштата се замрзнат и се претвораат во зимски патишта. Сериозен недостаток на ваквото патување се исклучително ниските температури од -40 степени и пониско, како и непостоењето на вообичаена патна инфраструктура како што се хотели и бензински пумпи. Луѓето, секако, возат по зимски патишта. Се среќаваат и камиони, и меѓуградски сообраќај, и обични автомобили. Но, без специјална подготовка никој не тргнува на долги патувања.

Другарите на патувањето Алексеј Жирухин од Самара, Александар Еликов од Твер, Дмитриј Гостиншчиков од Череповец и Наталија Шиповскаја од Москва одлучиле да покажат дека за заминувањето на Арктик и Крајниот Север човек не мора да има милиони рубли и скапо теренско возило.

Одлево надесно: Наталија Шиповскаја, Алексеј Жирухин, Дмитриј Гостиншчкиков, Александар Еликов

Во својот зелен „москвич“ од 1981 година, што го купиле за само 70 илјади рубли (околу 700 евра), се упатиле право на север. Навистина, пред заминувањето „москвичот“ го затоплиле со помош на итисон.

За волја на вистината треба да се каже дека двајца од четворица се доброподготвени за вакви авантури. Претприемачот од Самара (39 години) одамна води блог за патувања по Арктикот и повеќе пати одел таму со различни возила. Александар (45 години) е роден на север во градот Нови Уренгој. Тој е професионален автомеханичар и возач на шлепер, а работи како водич по Арктикот и учествува во многу екстремни експедиции. Двапати одел до најсеверното населено место во Русија Диксон (73°30′). А, заедно со Алексеј со теренец го има посетено ‘ртот Чељускин, најсеверна точка на нашиот континент.

Наталија (58 години) е пензионерка. Пред неколку години го победила ракот и одлучила дека е време за патувања. Алексеј го пронашла преку социјалните мрежа и станала дел од екипата.

Најмлад учесник бил Дмитриј (26 години), а неговата љубов кон Северот само што започнала.

Крстосувалe зимски патишта и виделе мошусни говеда

Тргнале на 3 декември од Црвениот плоштад. Најпрво поминале 1.200 километри по трасата „Холмогори“ и стасале до Архангељск, еден од главните градови на Рускиот Север и престолнина на дрвената архитектура. Тука поминале неколку дена, го посетиле музејот „Мали Корели“, прошетале по брегот на Северната Двина и се возеле со моторни санки по мразот на Белото Море.

А, потоа по северните патишта тргнале кон исток. Надвор веќе било -35, но колата палела без проблем! И тогаш започнала авантурата: Република Коми, Пермски крај, Новосибирска област, Кемеровска, Иркутска, а потоа по зимски пат во Јакутија – во градовите Мирни и Удачни. Колата се расипувала секојдневно.

„Ги вадевме ладилниците, полуосовината и ги местевме дисковите. Ни паѓаа разни делови, но ги враќавме на место со помош на шрафови, леплива лента и жици“, објасни Алексеј Жирухин.

Најсеверното село на Јакутија

До Јакутија, најстудениот регион на Русија, води зимскиот пат Уст-Кут - Мирни, еден од најизискувачките во земјата. „На 1.100 километри од патот нема бензински пумпи, само неколку сезонски кафе-ресторани. Канистерите со бензин ги држевме и кај нозете“, вели Алексеј.

Во кафе-рестораните можеле не само да ручаат, туку и да одат во сауна, што многу им значело. На патувањето сретнавме волци, жребиња, ирваси, лосови, па дури и мошуси. И секако, виделе прекрасна поларна светлина. Но, не сретнале ниту една мечка, зашто тие назима спијат.

Зимски патишта во Јакутија ги поврзуваат најоддалечените реони и долги и до илјада километри. Патниците одлучиле да стасаат до најсеверното село на Далечниот Исток Јурјунг-Хаја (72°48′), а тоа се дополнителни илјада километри по зимскиот пат Анабар. По пат наминувале во секое населено место: Оленок, Жилинду, Саскалах. Таму нивниот зелен„москвич“ предизвикал вистинска сензација. Вакви возила на Крајниот Север ретко се гледаат!

„Планиравме да стасаме и до најсеверните точки на Јакутија и Далечниот Исток, ‘ртот Пакс, но тоа моравме да го направиме во специјално теренско возило 'Трекол', затоа што таму нема дури ни зимски патишта, туку само снежни пространства“; велат патниците.

Пристапниот Арктик

Ова е веќе трето возење на оваа група со „москвич“ по Крајниот Север. Минатата година тие налето и назима го посетиле Јамал: Салехард, Нови Уренгој, биле на гости кај одгледувачи на ирваси, ја минале легендарната напуштена Трансполарна железница и ултрадлабоката бушотина.

„Наша главна цел е да покажеме пристапен туризам. Може да се патува по Русија, па дури и по Арктикот, со најобична кола. Не мора да штедите за луксузен теренец, ниту да имате милиони рубли. Ние тоа го направивме со обичен москвич купен за 70 илјади рубли“, вели Алексеј.

Возеле по навигација којашто однапред ја симнале од Интернет. Сите зимски патишта се впишани на мапата и по ваков пат е тешко да се изгубите зашто постои само еден пат и тој води кон север.

Целото патување траело околу еден и пол месец. Патниците се враќале дома со авион, оставајќи го москвичот во Мирни. Планираат да се вратат по него налето, кога ќе ги обиколат убавините на Јакутија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња