Што предизвика епска поплава во Дубаи? Постојат два клучни проблеми/ВИДЕО

1993
EPA-EFE/STRINGER

Епски поплави го погодија Дубаи вчера, оставајќи многумина да се прашуваат што доведе до катастрофа од толку големи размери. Експертите велат дека одговорите можеби лежат во два проблеми со кои се соочува најголемиот и најгусто населен град во ОАЕ.

Дубаи е поплавен, а аеродромот, еден од најфреквентните во светот, е затворен. „Емиратс ерлајнс“ ги прекина летовите од Дубаи од утрово до полноќ на 18 април поради неповолните временски услови.

Меѓународниот аеродром во градот ги советува патниците да не доаѓаат на аеродромот, освен ако е апсолутно неопходно, поради невидените поплави што ги погодија ОАЕ. Аеродромот во Дубаи соопшти дека летовите сè уште доцнат и се пренасочуваат и дека аеродромот прави максимални напори за да ги обнови летовите што е можно поскоро.

Обилните дождови и силните ветрови ги погодија Обединетите Арапски Емирати, а 19 лица загинаа во поплавите во неделата и понеделникот. Тука спаѓаат 10-ина ученици кои биле во возило кое го однело поројот.

Во еден ден врнеше дожд колку за цела година
Една од причините за апокалипсата која се случи во Дубаи е фактот што во вторникот за 24 часа наврнаа повеќе од 120 милиметри дожд на метар квадратен, што е повеќе од годишниот просек за овој град.

Државната новинска агенција WAM, објави дека количината на дожд што падна во Дубаи во вторникот беше најголема од 1949 година, кога беа измерени и собрани податоци.

Дождовите почнаа во понеделникот вечерта, го натопија песокот и ги поплавија улиците на Дубаи. Невремето се засили во вторникот наутро и продолжи во текот на денот, со обилни врнежи и град што го погодија веќе поплавениот град. До крајот на вторникот во Дубаи наврнаа повеќе од 120 милиметри дожд на метар квадратен, што е повеќе од годишниот просек од 90 сантиметри на метар квадратен.

Во Дубаи поради поплавите затворени се училиштата, откажани се спортските настани, а сериозни штети претрпеа трговските центри во градот, како и некои патишта. Властите испратија камиони-цистерни на улиците и автопатите за да ја испумпуваат водата. Водата навлегла во некои домови, принудувајќи ги луѓето да се спасуваат.

Силен дожд падна и во Бахреин, Оман, Катар и Саудиска Арабија. Сепак, врнежите беа акутни низ поширокото ОАЕ. Една од причините за зголемените врнежи може да се должи на таканаречениот „усвитен облак“.

Проблем се и одводните системи
Дождот е вообичаен во Обединетите Арапски Емирати, инаку сушна земја на Арапскиот Полуостров, но повремено паѓа во текот на постудените зимски месеци. Сепак, уште една клучна причина за ваквата катастрофална состојба во популарниот град е тоа што многу патишта и области немаат дренажни системи, што предизвикува поплави.

Климатолозите со години предупредуваат дека климатските промени предизвикани од човекот поттикнуваат поекстремни и помалку предвидливи временски услови ширум светот. Делови од јужна Русија и централна Азија, исто така, со денови се справуваат со екстремни врнежи од дожд и топење на снег, поради што беа евакуирани десетици илјади луѓе и загинаа повеќе од 60 луѓе во Пакистан и Авганистан.