ВИНАТА „ЛУДА МАРА“ НА „ТИКВЕШ“ СО НОВ ДИЗАЈН ИНСПИРИРАН ОД ИСТОИМЕНАТА РЕКА ВО КАВАДАРЕЧКО

    ВИНАТА „ЛУДА МАРА“ НА „ТИКВЕШ“ СО НОВ ДИЗАЈН ИНСПИРИРАН ОД ИСТОИМЕНАТА РЕКА ВО КАВАДАРЕЧКООвој вински бренд сега е надополнет со две уникатни купажи – „Луда Мара бело куве“ и „Луда Мара црвено куве“. (Фото: Тиквеш)

    Винарската визба „Тиквеш“ го редизајнираше изгледот на вината „Луда мара“. Слоганот на овој вински бренд е „Гледај го светот во очи“, а редизајнот е инспириран од истоимената река што поминува низ Кавадарци, која потсетува на автентичниот карактер на овие вина.

    Окото како основен креативен елемент на брендот „Луда Мара” претставува повик похрабро да гледа на животот, да се биде отворен за нови можности и доживувања и меѓу другото да се открие вистинската суштина на вината, соопштија од компанијата.

    Под овој вински бренд ќе се задржат омилените вина од оваа линија произведени од локални сорти темјаника и вранец и тие ќе бидат надополнети со две уникатни купажи – „Луда Мара бело куве“ и „Луда Мара црвено куве“.

    „‘Тиквеш’ останува посветен на градењето моќни вински брендови, кои ќе бидат прв избор на потрошувачите. Сигурни сме дека брендот ‘Луда Мара‘ и вината кои се дел од него, со својот вкус и изглед, ќе предизвикаат интерес кај љубителите на добро вино и ќе ги заинтригираат. Со своите уникатни карактеристики овие вина се одговор на пазарните трендови и барањата на оние потрошувачи кои се во потрага по автентични вина кои се одлика на локалното поднебје од каде потекнуваат и со кое се поврзуваат, заедно креирајќи една совршена и возбудлива винска приказна“, истакнуваат од „Тиквеш“.

    Освежувањето на оваа винска линија, опфаќа целосен редизајн на визуелниот изглед на вината, со употреба на поексклузивна амбалажа, како и етикета со впечатлив дизајн што ја отсликува суштината на брендот и ја истакнува автентичноста на вината што го сочинуваат, цврсто воспоставувајќи ги на постојните и на новите пазари.

    Четирите вина кои отсега ќе го сочинуваат брендот „Луда Мара“ од почетокот на април се веќе достапни на пазарот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира