ГОЛЕМИОТ ПОЖАР НАД ТЕТОВСКОТО СЕЛО СЕЛЦЕ Е СÈ УШТЕ ВОН КОНТРОЛА, СЕ БАРА ПОМОШ ОД ПРОТИВПОЖАРНИ АВИОНИ

    ГОЛЕМИОТ ПОЖАР НАД ТЕТОВСКОТО СЕЛО СЕЛЦЕ Е СÈ УШТЕ ВОН КОНТРОЛА, СЕ БАРА ПОМОШ ОД ПРОТИВПОЖАРНИ АВИОНИИзгорени се над сто хектари шуми и ливади, а пожарот продолжува да гори со голем интензитет (Фото: СДК.МК)

    Пет дена вработените во Националниот парк Шар Планина и тетовските пожарникари се борат со огнот кој зафати голем простор меѓу селата
    Ѓермо и Селце на Шар Планина. Високиот и непристапен терен и малиот број луѓе ангажирани во гаснењето придонесоа огнената стихија од ден во ден неконтролирано да се шири.

    „Пожарот е на два километра од Селце. Со сите сили се трудиме да го ставиме под контрола, но теренот е тежок за пожарникарите да дојдат до огнот. Овој дел од планината е под надлежност на НП Шар Планина и тие се првите кои треба да излезат на терен и да го локализираат пожарот. ДСК вчера побара од нас да им помогнеме. Ние излеговме на терен и до 21 часот го гасневеме пожарот, а утрово од 7 часот повторно сме горе и продолживме со гаснењето заедно со вработените од Националниот парк. За жал, други институции не се влкучени и не знам зошто. Штетата од пожарот е многу голема бидејќи гори висококвалитетна шума“, изјави Авни Амети, командир на Противпожарната единица од Тетово.

    Во гаснењето вчера беше вклучен и полициски хеликоптер, кој во седум наврати дејствувал врз пожарот. Од утринава, хеликоптерот повторно учествува во гаснењето, но тоа не било доволно, па тетовските пожарникари бараат да се вклучат и ер тракторите.

    Зачестените пожари не само на Шар Планина, туку и во целиот Полошки Регион, според Амети, се предизвикани од човечки фактор.

    „Земјоделците ги палат стрништата и со еден мал ветер огнот се проширува. Причината и за овој голем пожар кај Селце е човекот, нема друга причина да се создаде толку голем пожар“, вели Амети.

    Од НП Шар Планина велат дека тие уште од првиот момент се вклучени во гаснењето на овој пожар, но поради големината на опожарениот простор тешко се справуваат со него.

    „Од изутринава, деветмина ренџери и двајца техничари заедно со пожарникарите од Тетово учествуваат во гаснењето. Пожарот многу е проширен, горат ливади и букова шума, страдаат животни. Апелирам во гаснењето да се вклучат сите институции кои се обучени за справување со пожари во природа, како и полицијата и армијата. Изгорени се над сто хектари шуми и ливади, а пожарот продолжува да гори со голем интензитет. Линијата на пожарот е два до три километри и поради ветерот, брзо се шири. Пожарот засега е далеку од селото Селце, но тука во близина има штали и други објекти. Вчера рекоа дека ќе помогнат и луѓето од Селце, но денеска нема никој од нив“, изјави Ибраимк Дехари, директор во НП Шар Планина.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира