Новото дело на Дина Дума: Продолжи снимањето на филмот „Скејтањето не е за девојчиња“

„Скејтањето не е за девојчиња“ / Фото: МИА

Во Скопје денеска почна третата недела од снимањето на долгометражниот филм „Скејтањето не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума. Филмот е копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска. Филмот се снимаше во СУГС „Браќа Миладиновци“ во населбата Драчево.

Ова е филм којшто следи три генерации жени – додека тие се движат низ судирот меѓу традицијата и предизвиците од модерното време. Низ светогледот на 12-годишната Адела, филмот ни отвора свет во кој три генерации жени се осмелуваат да ги препишат сопствените судбини и да ги оспорат границите на општеството обликувано од традицијата.

Локациите на снимање се на територија на Скопје. Главните улоги ги толкуваат натуршчици и актери од ромската популација Ефќар Абаз, Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула.

Сценариото е на Дина Дума, коавтори се Лидија Мојсовска и Теона Митевска, директор на фотографија Фредерик Ноиром, сценограф Вук Митевски, костимограф Матеја Фајт, шминка Мојца Горогранц-Петрушевска, кастинг директор Киријана А. Николоска. Продуцент на филмот е Лабина Митевска, копродуценти Себастијан Делој, Данијел Хочевар и Вања Сремац.

Продуцентката Лабина Митевска денеска на почетокот на снимањето изјави дека целото снимање на филмот се одвива во нашата држава.

„Имаме многу интернационална екипа, што ни е особено драго. Целото снимање се одвива во Македонија, со екипа од овие четири земји. Монтажата се случува во Белгија, во Брисел и дел од постпродукцијата, освен во Белгија, се случува во Хрватска и во Словенија“, додаде Митевска.

Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, како и од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија, Хрватска и од Еуроимаж.

Директорот на Агенцијата за филм Владимир Ангелов се надева дека снимањето ќе тече без проблеми и дека ќе имаме успешен филмски производ.

„Се надевам дека снимањето до крај ќе тече мазно, мирно и тивко без проблеми и дека ќе имаме успешен филмски производ, како и досегашните производи што доаѓале од вашата работилница. Интересно е што филмот е повеќе од 100 отсто финансиран од страна, така што ова е еден позитивен пример како треба да се затвора брзо и ефикасно финансиска конструкција на еден филмски проект“, рече Ангелов.

Филмот го започна снимањето на 2 април оваа година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот