Страв и трепет за славните ѕвезди: Која е адвокатката што ги разведе принцот Чарлс и принцезата Дијана?

Фото: James Gourley / Shutterstock Editorial / Profimedia

Уште еден холивудски пар се разведува – Исла Фишер и Саша Барон Коен. Актерката наводно стапила во контакт со Фиона Шеклтон, најдобрата британска адвокатка за разводи, која застапувала и славни ѕвезди како Пол Макартни и Лиам Галагер, но и кралот Чарлс.

Фиона наводно ја советувала Исла, со сопругот Саша, кои имаат предбрачен договор и три деца заедно,  да се обидат да се разведат пријателски, односно спогодбено. Британските медиуми пишуваат дека Исла и Саша би можеле да се обидат да постигнат договор за имотот на Саша вреден 40 милиони фунти.

– Исла веќе извесно време знаеше дека бракот е завршен, а по неколку тешки разговори со Саша, таа донесе одлука да се консултира со адвокатката за развод. Тоа беше на почетокот на летото 2022 година. Заеднички контакти ѝ ја препорачаа Фиона Шеклтон. Фиона е неверојатна адвокатка, крајно застрашувачка – рекол извор за „Сан“.

Фото: Justin Ng / Avalon / Profimedia

Која е Фиона Шеклтон?

Бароницата Фиона Шеклтон е англиска адвокатка, која ги застапувала членовите на британското кралско семејство и славните личности. Нејзиниот шарм и одлучност ѝ го обезбедија прекарот „челична магнолија“. Британските медиуми пишуваат дека Фиона за своите адвокатски услуги наплаќа 550 долари на час.

Таа е родена во Лондон, а дипломирала право на Универзитетот Ексетер. Во јули 2010 година ѝ била доделена почесна диплома за доктор по правни науки на Универзитетот Ексетер. Истата година кралицата ѝ го доделила статусот бароница од Белгравија.

Како станала најопасна адвокатка за разводи?

Нејзиниот прв случај од висок профил биле војводата и војвотката од Јорк, кои се разведоа во 1996 година. Следниот случај биле принцот и принцезата од Велс, каде што таа го застапувала принцот Чарлс, кој сега е крал. Принцезата Дијана успеала да постигне спогодба од 17 милиони долари.

Истиот ден кога Бакингемската палата ѝ објавила на јавноста дека принцот Чарлс и принцезата Дијана постигнале спогодба, кралицата издала писмо за регулирање на титулите на поранешните членови на кралското семејство по разводот. Според него, Дијана ја изгубила својата титула кралско височество. За тоа била заслужна токму Фиона.

Следувале разводи на славните, во кои таа ги застапувала Пол Макартни, Клер Мери, Елис Феј, принцезата Хаја бинт Хусеин…

Разводот на Пол Макартни и Хедер Милс беше многу скандалозен. Милс во текот на интервјуто со Лери Кинг ја опиша Шеклтон на овој начин: „Постои една гадна жена – Фиона Шеклтон. Таа сака тоа да го развлекува што е можно подолго за да ги наполни сопствените џебови и изговори неколку мошне лоши работи“.

На последното рочиште за спогодба, Милс истурила бокал вода врз главата на Фиона.

Фото: – / Shutterstock Editorial / Profimedia

Модна икона

Бароницата Шеклтон стана позната и по својата смела смисла за мода, која не е секогаш во согласност со насоките на Адвокатскиот совет и Правното друштво, кои нагласуваат дека треба да се носат деловни костуми.

Разиграните модни комбинации го омекнуваат нејзиниот имиџ поради што многу противници можеби ја потценуваат. Но, тие се, всушност, паметен ПР-трик и гарантираат дека сите погледи се вперени во неа.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот