Загриженост во Италија: Кривата кула во Болоња е се понавалена: ќе се спасува со технологијата користена за кулата во Пиза

342
Фото:википедија
Уште една крива кула во Италија – Гарисенда во Болоња, толку е навалена што се зголемува загриженоста дека би можела да се урне, па експертите веќе коваат план да биде спасена со истата опрема што ја потпираше познатата кула во Пиза.

 

Кулата Гарисенда, висока 48 метри, е изградена во 12 век, во текот на историскиот процут на овој северноиталијански град, но два века подоцна, веќе почнала да се навалува. Денеска е навалена под агол од четири степени, нешто што е малку повеќе отколку наваленоста на кулата во Пиза, која е навалена под агол од 3,9 степени, пишува CNN.

Градоначалникот на Болоња Матео Лепоре објави вчера дека ќе бидат искористени пилони и сајли, претходно користени во Пиза, заедно со челични скелиња, со цел да се спречи рушење на кулата.
„Тоа ќе овозможи да се обезбе кулата“, изјави Лепоре на прес-конференција. Тој додаде дека тоа би можело да овозможи соседната кула Асинели да биде отворена за посетители.

Најави и дека во 2025 и 2026 година ќе бидат преземени понатамошни работи на заврстување и реставрација на кулата, што допрва треба да биде испланирано.

Градоначалникот порача дека ќе бидат потребни околу шест месеци опремата користена за кулата во Пиза да се прилагоди за Гарисенда, а целата операција за заштита е проценета на 19 милиони евра.

Откако двата челични столба што се користат во Пиза ќе бидат подигнати и прилагодени на Гарисенда, ќе започне работата за консолидирање на нејзините ѕидови, вклучително и вбризгување на мешавина од малтер на база на вар, компатибилна со онаа што се користи за време на изградбата, се вели во соопштението на градската администрација.

Потоа би се затегнале каблите што ги поврзуваат столбовите со скелето прикачено на кулата, постапка што би го намалила напрегањето на основата на кулата.

Иако е помалку позната од кривата кула во Пиза, Гарисенда долго време е туристичка атракција во Болоња. А Данте Алегиери ја спомна во Божествената комедија, во 14-тата песна.

Соседната кула Асинели е исто така туристичка атракција, со поскромен наклон од 1,3 степени.

Кривата кула во Пиза достигна навалување од 4,5 степени во 1990-тите, што доведе до меѓународни напори да се спречи нејзиното дополнително навалување, а работата траеше осум години, почнувајќи од 1993 година.

Денес, кривата кула во Пиза е стабилна, најмногу благодарение на челичните столбови кои се надеваме дека ќе вдахнат втор живот во кулата Гарисенда.