Македонија треба да врати 2,2 милиони евра – злоупотребени пари од Еразмус плус

Европската канцеларија за борба против измами ОЛАФ бара од Македонија, да врати 2,2 милиони евра, откако било утврдено дека парите биле злоупотребени од околу 20-тина корисници на грант од Еразмус плус програмата.

Во известувањето, Комисијата за измами нотирала дека наодите со неправилностите во врска со проектните досиеја се случувале од 2016 до 2018 година. Според информации кои ги потврдија од Aгенцијата, меѓу корисниците на грантови се основни и средни училишта, но и високообразовни установи.

Во проверка на случајот се вклучи и ОЈО ГОКК. Активно се спроведува предистражна постапка, потврдија оттаму за Сител, но не откриваат детали поради тајноста на постапката.

„По добиено известување од Управата за финансиска полиција и реализирани работни средби со претставници на ОЛАФ, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција активно спроведува предистражна постапка. Со оглед на тајноста на постапката не можат да се споделат повеќе детали“, се вели во нивниот одговор.

Писмото во кое ЕК бара да и се вратат парите стигнало во ноември лани до надлежната Агенција за европски образовни програми и мобилност. После него, следеле серија состаноци со надлежните институции, за да се анализира како Агенцијата ќе ги враќа парите назад во Европскиот фонд.