Кривична за скопјанец кој оградил државно земјиште зад Поликлиниката „Бит-пазар“ и наплаќал паркинг
Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.Р. (62) од Скопје и против правно лице од Скопје за сторено кривично дело узурпација на недвижности од чл. 225 од КЗ на РСМ.
А. Р. како сопственик и управител на второпријавеното правно лице подолг временски период противправно завладеал имот, сопственост на државата, и го ставил во владение на своето правно лице.
Имотот што се наоѓа веднаш до цветниот пазар зад Поликлиниката „Бит-пазар“ во Скопје, кој претставува градежно неизградено земјиште во општа употреба во сопственост на државата, А. Р. противзаконски го оградил со наплатна рампа и куќарка за наплата на влез-излез на предметното земјиште, каде што за секој влез-излез наплаќал соодветен паричен надомест и на тој начин го оневозможил слободното движење и користење на предметниот простор од страна на граѓаните и институциите на РСМ.