Потребен е системски пристап и конзистентност за решавање на проблемот со домувањето на Ромите во Битола

Баир Битола Фото: Васка М. Младеновска/Слободен печат

Со промотивно видео за резултатите од спроведените активности и панел-дискусија заврши тригодишниот проект „Баир-Здружена акција на Битола за вклучување на Ромите“, финансиран од ЕУ.

Проектот овозможи значителни подобрувања во урбаната компонента и социјалната инклузија, но, останува потребата од системски структуриран пристап и конзистентност за решавање на проблемот со домувањето на Ромите во битолската населба Баир.

-Фокусот беше ставен на зајакнување на заедницата, урбана надградба и промоција на социјалните права. Холистичкиот пристап беше есенцијален за остварување на одржлив развој на локалната заедница, што вклучуваше подобрување на состојбата на ромските домаќинства, пристап до услуги и заштита на правата на сите граѓани. Преку овие напори, се создаваа услови за социјална инклузија, што впрочем значат градење на целосно развиена и хармонична заедница-рече на завршната конференција, Климентина Ѓорѓиоска, прект менаџер на „Баир-Здружена акција на Битола за вклучување на Ромите“.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека се свесни во каква ситуација е домувањето на ромската заедница во населбата Баир, и се обидуваат преку добивање на финансиски средства од европски проекти, тоа да се подобри.

-Од финансиските средства што ги одделува Владата преку Министерството за транспорт и врски, не може да се задоволат сите потреби на ромската заедница зашто сме свесни во каква ситуација е домувањето на овие граѓани. Затоа ние како ресорно Министерство преку ИПА проектите и ЕУ Делегацијата се обидувавме наназад неколку години и добиваме финансиски средства за подобрување на домувањето на ромската заедница. Ова е прв проект преку ИПА и се надевам дека нема да биде последен бидејќи се обидуваме да ги легализираме ромските населби во Битола, да се реновираат куќите во кои живеат Ромите. Се надеваме дека сѐ што се реализира досега ќе продолжи со следниот проект на ИПА овозможен следната година-рече на завршната конференција, Мабера Камбера, раководителка на Секторот за координација и техничка помош во МТСП.

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски рече дека во проектот „Баир-Здружена акција на Битола за вклучување на Ромите“ соработуваа сите институции од локална надлежност и невладиниот сектор, и заеднички се направи придвижување на состојбите од еколошки, инфраструктурен и урбанистички аспект.

-Поставивме добри основи, во однос на социјалната и инклузивната компонента, кои значат подобрување на условите за домување на ромската заедница, но, и нивно активно вклучување во културниот и спортскиот живот во градот. Благодарение на овој проект, беше извршена реконструкција на улиците „Струшка“ и „Сутјеска“, се набави камион за собирање на смет со карактеристики кои одговараат на структурата на улиците во населбата Баир, и се изработија студии за влезни податоци за ГУП на град Битола на кој како локална самоуправа интензивно работиме, бидејќи претходниот датира од пред 25 години-рече градоначалникот Коњановски на завршната конференција на проектот „Баир-Здружена акција за вклучување на Ромите“.

На завршната конференција на проектот беше посочено дека несоодветните услови за живеење на ромската заедница во населбата Баир и понатаму остануваат голем предизвик и дека треба да се продолжи со напорите за целосно социјално вклучување и подобрување на квалитетот на живот за сите жители на оваа битолска населба.

-Постојат уште системски проблеми што не се надминати. Има домаќинства чии градби се небезбедни и чија конструкција е во лоша состојба. Потребен е системски структуриран пристап и конзистентен за да може да се решаваат и вклученост на сите страни. Потребен е континуитет за да може она што ние го поставуваме како оска на решавање на работите да има поголем напредок. И кога НВО секторот не е тука да ги влечи конците, другите чинители треба да продолжат со активности-посочи проект менаџерката Климентина Ѓорѓиоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот