Во Офицерскиот дом во Битола се одржа првиот официјален концерт на Камерниот оркестар-Битола, насловен „Барокна фантазија“, кој од минатата година е нова национална институција од културата. На концертот беа изведени некои од најубавите композиции од барокниот период. Музичките уметници Симон Поповски (виолина), Ангела Димковска (флејта) и Дејан Цветковски (виолончело), кои се и првите вработени во оркестарот, ја збогатија вечерта со својата соло-изведба, а настапи и сопранистката Биљана Јосифов.
Пред концертот „Барокна фантазија“ на присутните им се обрати и директорот на Камерниот оркестар, Владимир Димовски, кој рече дека како млад ентузијаст верувал дека Камерниот оркестар може да прерасне во професионална институција во која ќе се вработуваат младите луѓе што ќе остануваат во Битола.
– Камерниот оркестар на Битола е градска и национална гордост, инспиративен во творештвото и оригинален во многубројните настапи. Поддршката што ја дадовме за негова институционализација и постојаната соработка со Министерството за култура се препознаени од членовите на оркестарот, кои неуморно ја создаваат нашата музичка култура и им ја пренесуваат на младите генерации – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Концертот се одржа во полна сала во прекрасниот Офицерски дом.