Овации по премиерата на „Ефтеркланг: Македониум бенд“

Во рамките на фестивалот „ЦПХ Докс“ во Копенхаген, Данска, се одржа светската премиера на филмот „Eфтеркланг: Македониум бенд“, во режија на Андреас Јонсен, а прикажан во специјалната програма „Саунд енд вижн“. Концертната сала 2 на грандиозниот објект „ДБ концертхусет“, во срцето на Данска, беше претесна за повеќеилјадната публика на двете распродадени проекции, по кои следуваа и два настапа на музичкиот состав чиј наслов го носи и самиот филм. Ова е прв филм во продукција на МКЦ Скопје, заедно со „Румракет“ и „Росфорт“ од Данска, како македонско-данска копродукција.
– „Македониум бенд“ е всушност музички метабенд, составен од данскиот ансамбл „Ефтеркланг“, кој во својата непрекината 20-годишна кариера експерименталната музичка инспирација ја црпи од сите страни на светот. Од македонска страна, во составот се вбројуваат музичарите Дина Јашари, Ива Дамјановски, Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Мартина Баракоска, Јане Трајковски и Женскиот младински хор при МКЦ, секој како посебен, уникатен дел во прекрасниот музички калеидоскоп од 22 изведувачи на бина – велат од бендот.
Оваа плејада на неверојатни уметници на двата последователни концерта доби овации од присутната публика, која по вториот концерт и побараниот бис се крена на нозе и развиори македонско оро, кое продолжи и надвор од концертната просторија.
– Оваа неверојатна ноќ, исполнета со невидени емоции, која сите нѐ доведе до солзи, делумно од тага, но и од неверојатна среќа и радост, нѐ потсети дека сите, на уметничко ниво, нѐ врзуваат исти емоции. Убавата музика создадена од вистински поврзани уметнички души нѐ ежи сите на ист начин насекаде во светот, нѐ тера да веруваме во поубаво утре и да создаваме подобар свет. Самите песни што беа изведени се универзални пораки за неверојатната моќ на љубовта, на заедништвото, на храброста да се биде жив, како и на потребата за убавина. Никогаш нема да го заборавиме она што ни се случи таа вечер во Копенхаген. Триумф на универзалната љубов. Особено ми е драго што овој филм е прв вистински документарен филм во продукција на МКЦ Скопје, што нѐ прави сите особено горди – вели Владица Младеновски, музичкиот уредник во МКЦ и еден од главните ликови во филмот.
Музичките настапи на 22-члениот музички состав на „Eфтеркланг: Македониум бенд“ се доказ дека Македонија е земја на вечна музичка инспирација, која се преведува на најубавиот можен јазик на светот, јазикот на срца што бијат во ист такт.
Засега филмот има закажано 18 проекции низ Данска, како и премиера на фестивалот „Милениум докс гравити“ во Варшава, додека во Македонија ќе има премиера на отворањето на 23-то издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“ во Скопје, на 11 јули, со концерт на целокупниот ансамбл. В.Д.