Путин: Русија нема да го нападне НАТО, ќе ги соборуваме ловците „F-16“ во Украина, аеродромите од кои ќе полетуваат се легитимна цел

Русија нема претензии кон ниту една земја на НАТО и нема да ги нападне Полска, балтичките земји или Чешка, но ако Западот ѝ испорача на Украина ловци „F-16“, руските сили ќе ги соборуваат, како што сега ги уништуваат тенковите од западно производство, изјави доцна во средата рускиот претседател Владимир Путин.

Руската инвазија на Украина во февруари 2022 година ја предизвика најдлабоката криза во руско-западните односи од Кубанската ракетна криза во 1962 година.

Обраќајќи им се на пилотите на руските воздухопловни сили, Путин рече дека од распадот на Советскиот сојуз во 1991 година, воената алијанса предводена од САД се прошири кон исток кон Русија, но дека Москва не планира да нападне која и да е земја на НАТО.

„Немаме намера да правиме агресија кон овие земји“, рече Путин, според транскриптот на Кремљ објавен во четвртокот.

„Полска, балтичките земји и Чесите се во страв, но идејата дека ќе нападнеме друга земја е целосна глупост. Тоа е глупост“, истакна рускиот челник.

Кремљ, кој ги обвинува САД дека се борат против Русија поддржувајќи ја Украина со пари, оружје и разузнавачки информации, вели дека односите со Вашингтон веројатно никогаш не биле полоши.

На прашањето за ловците „F-16“ кои Западот вети дека ќе ги испрати во Украина, Путин рече дека таквите авиони нема да ја променат ситуацијата во Украина.

„Иако испорачуваат F-16, зборуваат за тоа и наводно обучуваат пилоти, тоа нема да ја промени ситуацијата на бојното поле. Ќе ги уништиме овие авиони како што денеска уништуваме тенкови, оклопни возила и друга опрема, вклучително и повеќеракетни фрлачи“, порача Путин.

Рускиот претседател посочи и на фактот дека американските борбени авиони „F-16“ може да носи и нуклеарно оружје.

„Се разбира, ако се користат од аеродроми во трети земји, тие стануваат легитимни цели за нас, каде и да се“, рече Путин.

САД во мај 2023 година ја одобрија испораката на авиони „F-16“. Рокот на испораката и нивната бројка сѐ уште не се точно одреден. Исто така, не е познато каде овие борбени авиони ќе бидат стационирани откако ќе му бидат предадени на Киев, имајќи предвид дека на украинската територија нема соодветен аеродром за нивно опслужување и во смисла на техничко одржување и во смисла на полетно-слетувачко поле. Покрај тоа, украинските аеродроми се во дострелот на руските ракетни сили.

Забелешките на Путин уследија по коментарите на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба претходно во средата дека „F-16“ треба да пристигнат во Украина во наредните месеци.

Украина, сега повеќе од две години во интензивна војна против Русија, со месеци бара „F-16“. Белгија, Данска, Норвешка и Холандија се меѓу земјите кои ветија дека ќе донираат „F-16. Коалицијата на земји вети дека ќе помогне во обуката на украинските пилоти да ги користат.